Објавено на: 26.12.2009

GLK ги прекинува озборувањата дека теренците на Mercedes изгледаат премногу ориентирани за асфалт
По првиот наш впечаток од СУВ остварувањето на Mercedes едноставно останавме занемени од тоа како е спакувано и што сé нуди ова возило со беспрекорен стајлинг, врвна грациозност и елеганција, кое, ако треба, ќе ве извлече и од најголемата кал. Со дизајн кој ја комбинира веќе подолго ценетата аголна форма на теренец со типичните елементи кои ги карактеризираат патничките возила на Mercedes, новиот GLK има моќен пристап во обидот да постави нови стандарди во светот на компактната СУВ класа. Интересниот дизајнерски израз, во чии корени се чувствува ехото од легендарната G класа, претставува комбинација на 30-годишното искуство со најмодерните трендови, од која е создаден оригиналниот облик на GLK, урамнотежен на пропорциите на новиот СУВ со димензии 4.525х1.840х1.689 mm. Инаку, името му е кованица од G, што претставува традиционална германска ознака за теренски возила (Geländewagen), L го означува луксузот, а K доаѓа од компактноста.

Mercedes GLK има дизајн кој ја комбинира веќе подолго ценетата аголна форма на теренец со типичните елементи кои ги карактеризираат патничките возила од Штутгарт
Изразено со дизајнерски зборови, GLK е со затегнати линии и големи површини поврзани со карактеристичните детали за теренските возила, како на пример, повисокото растојание од тлото, тенките кровни носачи и засечените облици. На сите овие атрибути врзани за off-road појавата, треба да се додадат и големите агли на ќошињата на возилото, со што се прекинуваат озборувањата дека теренците на Mercedes изгледаат премногу ориентирани за асфалт. Ако кон ова се додадат и одличната прегледност и повисоката позиција на седење, лесното управување низ градските средини ќе ви биде задоволство.
Многу епитети можат да се кажат и за извонредно скроената внатрешност, која се карактеризира со убав амбиент, материјали во согласност со имиџот на марката и со сосема коректната пространост за овој вид на возило, дури и на багажникот, кој е со зафатнина од 450 литри. Опременоста е извонредна и на ниво достојно на премиум класата, со бројни опции за индивидуализација на автомобилот.

Кај GLK, автоматскиот 7G-Tronic менувач за прв пат во гамата на Mercedes е спарен со четирицилиндричен мотор
Новиот GLK се вбројува во најсофистицираните модели во класата и донесува многу модерни технологии од кои некои сé уште не се видени во овој сегмент. Флексибилното ослонување Agility Control, кое се прилагодува на условите, давајќи крутост при остро или off-road возење или поголем, малку премек за наш вкус комфор во нормални режими, балансира меѓу цврстината на теренските возила и удобноста на Mercedes-овите лимузини. Со него е поврзан и проагресивниот серво управувач, со што максимално се олеснува паркирањето, а при побрзо возење се добива полна повратна информација од подлогата. Системите на динамичката контрола меѓусебно се ускладени и овозможуваат извонредна контрола над возилото. 4Matic системот за погон на сите четири тркала во нормални услови го распределува вртежниот момент меѓу предната и задната оска во однос 45:55. Со посебен прекинувач со ознака G се активира програма за теренско возење која го прилагодува возилото за тоа - педалата за гас станува помека и се активираат off-road параметрите на ESP системот. На располагање е и DSR системот за спуштање низ стрмнина со однапред програмирана брзина на движење, а кога не е вклучен, може да се користи рачната опција за менување на степените на пренос на автоматскиот 7G-Tronic менувач, кој за прв пат во гамата на Mercedes е спарен со четирицилиндричен мотор.

Многу епитети можат да се кажат и за извонредно скроената внатрешност
Додека ја чекавме да пристигне на нашиот пазар, за четирицилиндричната дизел верзија на GLK слушавме дека е вистински дијамант, бидејќи се карактеризира со врвна економичност и перформанси. Во тоа време, добро запознаени со моделот со трилитарскиот V6, ваквите класификации повеќе ги поврзувавме со новиот битурбо дизел со ознака 250 CDi. Но, кога во наши раце дојде и најлогичната варијанта за нашите купувачи, означена како 220 CDi, сфативме за што зборуваа. Ова неверојатно, мултиталентирано возило претставува многу повеќе од она што од него се очекува и се карактеризира со функционалност и атрактивност кои се најголеми адути во борба со конкуренцијата. И досега сме имале можност да се увериме во неговите квалитети и вредности во други модели, а во скоро два тона тешкиот GLK, неговите 170 коња сосема доволно се чувствуваат моќни.
Она што особено ќе го интересира нашиот купувач е фактот што оваа машина арчи само 6,7 литри на 100 просечно изминати километри и во пакет со одличниот GLK чини 41.980 евра. Да потсетиме, цената на 320 CDi верзијата е 53.800 евра.
Технички податоци:
мотор: Euro V, дизел, четиритактен, четирицилиндричен, водено ладен, сместен напред надолжно
работна зафатнина: 2.143 cm3
пречник и ôд: 83,0x99,0 mm
степен на компресија: 16,2:1
напојување: по две брегасти оски во главите, четири вентили по цилиндар, common rail директно вбризгување на горивото, турбо компресор со променлива геометрија, интеркулер
максимална силина: 170 KS (125 kW) при 3.200-4.800 min-1
максимален вртежен момент: 400 Nm при 1.400-2.800 min-1
трансмисија: на сите четири тркала преку седумстепен автоматски менувач
ослонување: напред двојни попречни рамења, спирални пружини, стабилизатор, назад просторно водена оска, спирални пружини, стабилизатор
сопирачки: напред и назад самовентилирачки дискови, ABS, EBD, BAS
пневматици: 235/60 R17 102 V
каросерија: теренско возило со пет врати, пет седишта
должина х ширина х висина: 4.525x1.840x1.689 mm
меѓуоскино растојание: 2.755 mm
траги (напред/назад): 1.567/1.588 mm
тежина: 1.845 kg
максимална тежина: 2.500 kg
приколка со сопирачки: 2.000 kg
багажник: 450/1.550 dm3
резервоар: 66 литри
максимална брзина: 205 km/h
забрзување 0-100 km/h: 8,8 секунди
потрошувачка (отворен пат/град/просек): 5,8/8,4/6,7 l/100 km
емисија на CO2: 176 g/km
Merceced GLK во Македонија:
GLK 280: 51.200 EUR
GLK 350: 57.230 EUR
GLK 220 CDi: 41.980 EUR
GLK 320 CDi: 53.800 EUR
повеќе информации: Мак Аутостар Скопје, тел.: /02/ 2580-000
назад кон вестите од оваа категоријаНајчитани вести
последни вести од оваа категорија
- Mitsubishi Lancer Sportback 1.5: ДЕЦЕНТРАЛИЗАЦИЈАТА НА ДЕЛО
- Kia Sorento 2.2 CRDi: КВАНТЕН СКОК
- Lexus GS 450h: ТЕНКА ЦРВЕНА ЛИНИЈА
- Citroen C3 1.4: ГЛЕДАЈ И ВОЗИ
- Audi A5 Sportback: ПЛУРАЛИЗАМ
- Mercedes C 250 CDi: Кога зборовите не се доволни
- Mitsubishi Outlander 2.0 Di-D: ОСТАР ПОГЛЕД
- Opel Astra 1.6: РЕДЕФИНИРАЊЕ НА КЛАСАТА
- Toyota Land Cruiser 3.0 D-4D: БАКСУЗОТ НА ИНДИЈАНА ЏОНС
- Renault Thalia 1.5 dCi: И RENAULT ИМА СВОЈА ШЕХЕРЕЗАДА
















