Објавено на: 26.02.2010
Потскриени од цивилизациските сенки на своите големи соседи Кина и Јапонија, Корејците долги векови самостојно и надвор од туѓите влијанија си тераа по својот историски пат, кој по завршувањето на втората светска војна, под влијание на новиот светски поредок и победничките велесили, го раздвои на половина полуостровот за кој светот тогаш навистина прв пат слушна. Но, она што од ѕвечкањето на оружјето не го слушна, беше карактерот и менталитетот на Корејците, кој и ден денес не е во целост разбран и сфатен од белиот свет.

Со CrossWgon верзијата на i30, Корејците на европските купувачи им понудија нешто малку ново, малку класично, но сепак различно
Така, притиснати од локалните проблеми наметнати од глобалните историски текови, Корејците си продолжија со својата животна филозофија, која, не само што бараше многу работа и жртвување за нормален животен тек на пренаселениот полуостров, туку и добра стратегија како со она малку што го имаат на располагање да постигнат повеќе. Идеолошки поларно спротивставени, двата дела од нацијата тргнаа секој по свој пат, а јужниот дел, влечен од силната животна гравитација, многу бргу ги рашири продуктите од своите вредни раце ширум светот.
А светот, од автомобилски аспект, за нив дозна доста доцна и долго време, да не кажеме и ден денес, на нив гледа со потценување, пропуштајќи ги фактите дека јужнокорејската економија е тринаесетта во светот и дека она што им недостасува, тие не го надополнуваат само со многу работа, туку и со проникливо размислување - за разлика од Јапонците, кои поддржани од својата моќна технологија и неограничени развојни капацитети одеднаш исфрлаат по повеќе модели, од кои само дел преживуваат повеќе од една или две генерации, Корејците со своето поинакво резонирање во своите глави најпрво исфилтрираат кон што да се насочат, па дури потоа работат. А тогаш, се радуваат кога во Јапонија е празник и не се работи, затоа што тие ќе работат, и тоа вредно, и за еден ден ќе бидат поблиску до своите соперници.

Караванскиот i30 CW ја зачувува елегантната линија на класичниот хечбек
Заради тоа и не треба да нé зачудува зошто во моментите кога купувачите на компактните каравани се раслојуваат дел кон моноволуменската, а дел кон новокреираните спорт турери, кај кои практичноста е ставена во функција на изгледот, Hyundai влегува во оваа нестабилна и неперспективна класа, која всушност и никогаш не била којзнае колку популарна - само Opel и Peugeot ја негуваат долго време, а од другите производители кои им се придружија кој крајот на осумдесетиттите и почетокот на деведесеттите, дел веќе ја напуштија.
Но, Корејците веруваат во својот производ, а уште повеќе во својата проценка и на европските купувачи им понудија нешто малку ново, малку класично, но сепак различно. Колку од што се содржи во нивниот нов караван проектиран и дизајниран во Европа, каде веќе и се произведува, се обидовме да дознаеме за време на пробното возење на добро опремената 1,6 литарска верзија на i30 CW, која ни ја отстапи увозникот на Hyundai за Македонија, Кореа Ауто Трејд од Скопје.

Компактниот i30 е развиен во центарот на Hyundai во Риселсхајм, Германија
Велиме се обидовме, затоа што сé до крај на тестот не бевме сигурни што е тоа што го издвојува i30 CW од останатите седум-осум компактни каравани на пазарот. Или, поинаку кажано, за секој од нив можеме да кажеме по што се издвојува, но не и за i30, бидејќи неговиот дизајн вешто ја сокрива караванската форма, добрите, дури спортски перформанси на 1,6 литарскиот мотор и европски подесеното подвозје семејната ориентираност, а опременоста, квалитетот на завршната обработка и цената од 15.999 евра, потеклото. Она што не можеше да се сокрие е практичноста, која беше очекувана, заедно со зголемената бучава на гумите што требаше да дојде од товарниот дел, која едноставно изостана. Изостана и лесно занесување на празниот заден дел при побрзо поминување низ свиоци. Корејските (или можеби германските) инженери тука направиле добра работа, а што точно работеле, дознавме дури откако ги споредивме техничките податоци на караванот со хечбек верзијата на i30, кои јасно ни укажаа на за 50 mm поголемото меѓуоскино растојание и на 230 милиметри поголемата должина, што резултира со поголем простор за нозете назад и нормално, поголем багажник.
Заслужен за тоа е европскиот стил на целокупниот негов развој, иако i30 е проектиран да биде глобален производ, бидејќи се продава и во САД, Австралија и, нормално, Кореја. Сепак, европските гени преовладуваат, не само во дизајнот, туку и во механичката основа, која, за разлика од порано кога моделите на Hyundai се карактеризираа само со својата долговечност, сега им припишува и атрибути како економичност и екологичност - добрите перформанси веќе ги споменавме.

Со квалитетите на i30 CW човек вистински ќе се запознае само по долго користење
Она што не го споменавме е дека сега Hyundai i30 CW ќе може да се добие и со 1,4 литарски мотор и основен пакет на опрема, кој за цена од 13.717 евра вклучува сé освен дестинација каде ќе ги поминувате викендите со него.
Технички податоци:
мотор: Euro IV, бензински, четиритактен, четирицилиндричен, водено ладен, сместен напред напречно
работна зафатнина: 1.591 cm3
пречник и ôд: 77,0х85,4 mm
степен на компресија: 10,5:1
напојување: две брегасти оски во главата, четири вентили по цилиндар, вбризгување на горивото во повеќе точки
максимална силина: 126 КЅ (93 kW) при 6.200 min-1
максимален вртежен момент: 154 Nm при 4.200 min-1
трансмисија: на предните тркала преку петстепен мануелен менувач
ослонување: напред мекферсонови нозе, попречни рамења, стабилизатор, назад мултилинк оска, спирални пружини, стабилизатор
сопирачки: напред самовентилирачки дискови, назад дискови, ABS, EBD
пневматици: 185/65 R15
каросерија: караван со пет врати, пет седишта
должина х ширина х висина: 4.475x1.775x1.565 mm
меѓуоскино растојание: 2.700 mm
траги (напред/назад): 1.552/1.550 mm
тежина: 1.311 kg
максимална тежина: 1.820 kg
приколка со сопирачки: 1.200 kg
багажник: 415/1.395 dm3
резервоар: 53 литри
максимална брзина: 192 km/h
забрзување 0-100 km/h: 11,5 секунди
потрошувачка (отворен пат/град/просек): 5,2/8,0/6,2 l/100 km
емисија на CO2: 152 g/km
повеќе информации: Кореа Авто Трејд Скопје, тел.: /02/ 3095-535
фото галерија (кликнете на сликата за поголема):
![]() | ![]() |
![]() | ![]() |
![]() | ![]() |
![]() | ![]() |
![]() | ![]() |
Најчитани вести
последни вести од оваа категорија
- Mitsubishi Lancer Sportback 1.5: ДЕЦЕНТРАЛИЗАЦИЈАТА НА ДЕЛО
- Kia Sorento 2.2 CRDi: КВАНТЕН СКОК
- Lexus GS 450h: ТЕНКА ЦРВЕНА ЛИНИЈА
- Citroen C3 1.4: ГЛЕДАЈ И ВОЗИ
- Audi A5 Sportback: ПЛУРАЛИЗАМ
- Mercedes C 250 CDi: Кога зборовите не се доволни
- Mitsubishi Outlander 2.0 Di-D: ОСТАР ПОГЛЕД
- Opel Astra 1.6: РЕДЕФИНИРАЊЕ НА КЛАСАТА
- Toyota Land Cruiser 3.0 D-4D: БАКСУЗОТ НА ИНДИЈАНА ЏОНС
- Renault Thalia 1.5 dCi: И RENAULT ИМА СВОЈА ШЕХЕРЕЗАДА


























