Објавено на: 28.02.2010

Големите стаклени површини со мазни и флуидни линии и шпицестиот нос го одредуваат надворешниот стил на Qubo
Можеби и затоа што очекувавме само патничка верзија на симпатичното доставно комбенце. Сé додека не го провозивме, одвојувањето на Qubo како посебен модел, наместо вообичаената практика да се доозначи со суфиксот Panorama, го сметавме само за маркетиншки потег на Fiat. Затоа и во добар дел игнориравме многу најави кои стигнаа до нас дека се работи за нешто навистина интересно.
А дека е интересно, се гледа уште на прв поглед. Однадвор со неколку ситни измени, колку да се разликува од карго верзијата, Qubo одвнатре е нешто сосема поинаков. Употребените материјали, дизајнот на ентериерот и количината опрема се на рамниште на подобро опремените модели на Fiat од чисто автомобилските класи. Разиграното опкружување, доволно пространо во сите правци, нуди весел престој во четири метри долгиот MPV, под чија голема задна врата се крие багажен простор од стандардни 330 литри, кој, ако учтиво се замолат сопатниците од задната клупа да побараат друг начин за превоз, флексибилно може да нарасне до 2.800 литри!

1,3 литарскиот Multijet мотор во Qubo на отворен пат троши неверојатно ниски 3,7 литри на100 km, што овозможува со еден резервоар (45 литри) да се поминат 1.216 километри
Со уште тројца сопатници или три кубни метри багаж, Qubo ќе трча толку весело колку што ќе му дозволи оптоварувањето од максималните 600 килограми, но затоа престојот во него за двете главни персони на предните седишта ќе биде еднакво весел, како за нив, така и за нивното чекмеџе, кое и после патувањето по целата должина на Виа Игнација, од Драч до Истанбул, ќе го отпразни само за толку златни флорини колку што треба да се наполни еден резервоар.
Fiat Qubo и Виа Игнација ги поврзува уште еден факт - се произведува во Турција, во фабриката Tofaş, за која претставува пресвртница во нејзината четириесетгодишна историја и која досега има произведено три милиони возила. Развиен на основата на Grande Punto како заеднички проект меѓу Fiat и неговите француски партнери, Fiorino не само што ја врати оваа класа доставни возила на европскиот пазар, туку и како Qubo има реални шанси да ја однесе во САД, со посредство на Chrysler. Неговите странични лизгачки врати ќе му помогнат во тоа, но повеќе од сигурно е дека и да отпатува преку Атлантикот, нема да биде со 1,3 литарскиот Multijet дизел мотор, според нас највредното парче техника што Италијанците го имаат направено години наназад. Со него Qubo во Македонија чини интересни 13.240 евра со основниот пакет на опрема. Оние што сакаат повеќе, за плус 700 евра ќе го добијат со Elegant опременоста, која во себе вклучува десетина ставки вредни 1.600 евра според ценовникот на Аутомобиле СК, а за оние пак, што можат да одвојат помалку, на располагање им е и бензинската 1,4 литарска верзија, чија цена стартува од 11.850 евра.

Пространата и флексибилна внатрешност на Qubo му обезбедува максимална употребливост за секаков вид патувања - со сопатници или многу товар
Сепак, и едните, и другите, еднакво ќе ги почувствуваат благодетите на концептот на Qubo, чиј оригинален стајлинг и практичната и пријатна внатрешност му даваат посебна карактерност и го прават авантурист во сите ситуации. Компактните димензии и максималната прегледност му овозможуваат лесно маневрирање во урбаниот сообраќај, каде вреди да се доплатат 100 евра за двокрилна задна застаклена врата. Високото и издржливо подвозје и краткото меѓуоскино растојание пак, му го олеснуваат продорот до природните убавини на нашата земја, до каде за безбедноста на патувањето ќе се грижат ABS сопирачките, четирите воздушни перници, системот за заштита од пожар и вратите кои автоматски се заклучуваат. Само погледот во левиот ретровизор кој не се отвора доволно нанадвор ќе им пречи на повисоките како мене, кои седиштето на возачот го поместуваат повеќе наназад.
Fiat отсекогаш знаел како се прават мали автомобили, а сега, здружувајќи се со PSA и ангажирајќи ја неговата турска филијала, ја употреби и вистинската формула како квалитетно да се направи евтино и симпатично возило, чија цена нема да биде превисока за да се понуди и солидно пополнето со опрема.
Технички податоци:
мотор: Euro 4, дизел, четиритактен, четирицилиндричен, водено ладен, сместен напред напречно
работна зафатнина: 1.248 cm3
пречник и ôд: 69,6x82,0 mm
степен на компресија: 17,5:1
напојување: две брегасти оски во главата, четири вентили по цилиндар, common rail вбризгување на горивото, турбо компресор со променлива геометрија, интеркулер
максимална силина: 75 KS (55 kW) при 4.000 min-1
максимален вртежен момент: 190 Nm при 1.750 min-1
трансмисија: на предните тркала преку петстепен мануелен менувач
ослонување: напред мекферсонови нозе, спирални пружини, стабилизатор, назад полукрута оска, спирални пружини
сопирачки: напред самовентилирачки дискови, назад барабан, ABS, EBD
пневматици: 195/55 R16 87H
каросерија: повеќенаменско возило со пет врати, пет седишта
должина х ширина х висина: 3.959x1.716x1.721 mm
меѓуоскино растојание: 2.513 mm
траги (напред/назад): 1.467/1.464 mm
тежина: 1.160 kg
максимална тежина: 1.700 kg
приколка со сопирачки: 600 kg
багажник: 330/2.800 dm3
резервоар: 45 литри
максимална брзина: 155 km/h
забрзување 0-100 km/h: 16,4 секунди
потрошувачка (отворен пат/град/просек): 3,7/5,5/4,4 l/100 km
емисија на CO2: 115 g/km
Fiat Qubo во Македонија:
Qubo 1.4: 11.850 EUR
Qubo 1.3 M-Jet: 13.240 EUR
пакет Elegant: +700-890 EUR
повеќе информации: Аутомобиле СК Скопје, тел.: /02/ 3093-116
фото галерија (кликнете на сликата за поголема):
![]() | ![]() |
![]() | ![]() |
![]() | ![]() |
Најчитани вести
последни вести од оваа категорија
- Mitsubishi Lancer Sportback 1.5: ДЕЦЕНТРАЛИЗАЦИЈАТА НА ДЕЛО
- Kia Sorento 2.2 CRDi: КВАНТЕН СКОК
- Lexus GS 450h: ТЕНКА ЦРВЕНА ЛИНИЈА
- Citroen C3 1.4: ГЛЕДАЈ И ВОЗИ
- Audi A5 Sportback: ПЛУРАЛИЗАМ
- Mercedes C 250 CDi: Кога зборовите не се доволни
- Mitsubishi Outlander 2.0 Di-D: ОСТАР ПОГЛЕД
- Opel Astra 1.6: РЕДЕФИНИРАЊЕ НА КЛАСАТА
- Toyota Land Cruiser 3.0 D-4D: БАКСУЗОТ НА ИНДИЈАНА ЏОНС
- Renault Thalia 1.5 dCi: И RENAULT ИМА СВОЈА ШЕХЕРЕЗАДА






















