Објавено на: 04.03.2010
Претпоставуваме и дека знаете дека е наследник на успешната (но можеби за некои разочарувачка) Vectra. Сега ќе ве замолиме сé што знаете за Vectra, убаво да го спакувате – и да го заборавите!
Insignia е моделот кој треба да му докаже на светот дека Opel може да се носи рамо до рамо со останатите светски производители на возила од оваа класа, и на прв поглед не можеме да не се согласиме. Insignia изгледа привлечно, елегантно и како да припаѓа класа погоре. Меѓутоа, бидејќи сите веќе знаеме како изгледа – ја гледаме по нашите улици – тука сме да зборуваме за она што се крие под хаубата на големата лимузина што ја возевме. А тоа беше одличниот четирицилиндричен мотор со зафатнина од 1.998 кубни сантиметри, врз кои нежно дише турбо компресорот, па така 1.503 килограми тешката Insignia ја придвижуваат 220 коњски сили. Доволно? Секако!

Ново име, нов атомобил, нови амбиции - со Insignia Opel прави значаен исчекор кон подмладување на марката
Двесте и дваесетте разуздани коњи ја катапултираат масивната, но елегантна и динамична Insignia до 100 километри на час за само 7,6 секунди и до максимална брзина од 242 километри на час. Навистина импресивно ако се земе предвид тежината на возилото! Мораме да ја напоменеме и потрошувачката – фабричките податоци зборуваат за импресивни (и можеби оптимистички) 8,8 литри на изминати 100 километри во просек, кои, со нашето возење, ударнички ги надминавме. Јасно, ваква лимузина со 220-коњски турбо мотор не се купува за да се штеди.
Опремата во автомобилот кој го имавме на тест беше на завидно ниво – да започнеме од прилагодливото ослонување и режимот на работење на автомобилот – достапни беа режимите за нормално, туринг (или комфорно) и спорт возење, што го стврднува целото подвозје, го забрзува времето на реагирање на моторот и она што навистина ни се допадна – ги обојува со црвена боја сите инструменти во автомобилот.

Insignia може да се пофали со глатка, моќна силуета и кров со кој заликува на купе
Да бидеме искрени – тешко се забележува разликата помеѓу трите различни модуси – и за тоа ги обвинуваме можеби преголемите тркала од 19 инчи, кои ги пренесуваа сите вибрации од патиштата и на моменти го правеа возењето неудобно, особено во оние моменти кога сакавме да се опуштиме и едноставно да уживаме во моќта на моторот. Вибрациите кои се пренесуваа на воланот беа едноставно здодевни и заморни. Но, да биде јасно - тие се дел од дополнителната опрема, па кој ги сака, ќе мора и да ги трпи.
Оценката ја поправија одличните седишта обложени со кожа и со вградени грејачи, кои навистина се покажаа како практични и корисни за време на краткотрајниот студен период. Двозонскиот клима-уред, ксенонските светла, сензорите за паркирање напред и назад и сите други ситници што беа дел од опремата, само ја надополнија сликата за одличниот автомобил. Единствено уредот за навигација кој дојде без мапи за Македонија малку нé насмеа кога ни кажа дека сме off road, што во овој случај во превод би значело: заборавени и од Господ. Малку нé разочараа и некои од пластиките во внатрешноста – сé уште не можеме да разбереме како може возило од оваа категорија да има пластики кои се непријатни и груби на допир. Сепак, не дозволивме неколку ситници да ни одземат од уживањето.

Insignia кај нас се нуди во три каросериски верзии со 9 мотори и цена која започнува од 20.890 евра
Многу сме пишувале за Insignia, но сепак треба пак да напоменеме дека подвозјето е одлично и дека инженерите од Германија одлично си ја завршиле работата. Големата лимузина е стабилна и при поголеми брзини, цврсто и сигурно ја држи определената траекторија, а вака споена со дволитарскиот турбо бензинец, е едноставно одлична и во градски услови (со исклучок на потрошувачката), и на отворен пат. На поголеми (за лимузина од 220 коњски сили) брзини е малку бучно во внатрешноста, но тука веќе зборуваме за брзини кои ретко се постигнуваат и кои и не се баш во легалните граници.
Сé на сé, нашето дружење со Opel Insignia 2.0 Turbo ни остави одлични впечатоци. Големината, луксузот и комфорот одлично си прилегаат со брзиот и соодветно економичен мотор. Само на крај, треба да се земе во предвид цената – моделот кој ние го имавме на тест, со Edition опрема и турбо моторот чини 26.440 илјади евра, но со ваков мотор никој не би зел основен пакет, нели?
Технички податоци:
мотор: Euro V, бензински, четиритактен, четирицилиндричен, водено ладен, сместен напред напречно
работна зафатнина: 1.998 cm3
пречник и ôд: 86,0х86,0 mm
степен на компресија: 9,3:1
напојување: две брегасти оски во главата, четири вентили по цилиндар, директно вбризгување на горивото, турбо компресор, интеркулер
максимална силина: 220 КЅ (162 kW) при 5.300 min-1
максимален вртежен момент: 350 Nm при 2.000-4.000 min-1
трансмисија: на предните тркала преку шестстепен мануелен менувач
ослонување: напред мекферсонови нозе, попречни рамења, стабилизатор, назад просторно водена оска, спирални пружини, стабилизатор
сопирачки: напред самовентилирачки дискови, назад дискови, ABS, EBD
пневматици: 225/55 R17 W
каросерија: лимузина со четири/пет врати, пет седишта
должина х ширина х висина: 4.830x1.856x1.498 mm
меѓуоскино растојание: 2.737 mm
траги (напред/назад): 1.585/1.587 mm
тежина: 1.503 kg
максимална тежина: 2.020 kg
приколка со сопирачки: 1.700 kg
багажник: 500/1.010 dm3
резервоар: 70 литри
максимална брзина: 242 km/h
забрзување 0-100 km/h: 7,6 секунди
потрошувачка (отворен пат/град/просек): 6,5/12,7/8,8 l/100 km
емисија на CO2: 207 g/km
фото галерија (кликнете на сликата за поголема):
![]() | ![]() |
![]() | ![]() |
![]() | ![]() |
![]() | ![]() |
![]() | ![]() |
![]() | ![]() |
Најчитани вести
последни вести од оваа категорија
- Mitsubishi Lancer Sportback 1.5: ДЕЦЕНТРАЛИЗАЦИЈАТА НА ДЕЛО
- Kia Sorento 2.2 CRDi: КВАНТЕН СКОК
- Lexus GS 450h: ТЕНКА ЦРВЕНА ЛИНИЈА
- Citroen C3 1.4: ГЛЕДАЈ И ВОЗИ
- Audi A5 Sportback: ПЛУРАЛИЗАМ
- Mercedes C 250 CDi: Кога зборовите не се доволни
- Mitsubishi Outlander 2.0 Di-D: ОСТАР ПОГЛЕД
- Opel Astra 1.6: РЕДЕФИНИРАЊЕ НА КЛАСАТА
- Toyota Land Cruiser 3.0 D-4D: БАКСУЗОТ НА ИНДИЈАНА ЏОНС
- Renault Thalia 1.5 dCi: И RENAULT ИМА СВОЈА ШЕХЕРЕЗАДА




























