Објавено на: 11.03.2010
Прашањето е дали корејскиот производител, кој пред две години нé импресионираше со тогашниот освојувач на титулата "Автомобил на годината" во Македонија, ќе го повтори успехот?

Дизајнерите решија да си поиграат со Cee'd и да му дадат малку поагресивен изглед
Однадвор разликите се позабележливи. Иако претходникот имаше сосема добар и складен, дури европски дизајн, дизајнерите решиле да си поиграат со изгледот и да му дадат малку поагресивен изглед. Соодветно на тоа, предните светла се поостри, а маската целосно редизајнирана, па таква дозволува и поголеми отвори за воздух. Тука се истакнува и нејзината хромирана рамка која ја следи новата светска дизајнерска филозофија на Kia. Гледан од страна, дизајнот е скоро идентичен, а задните светла, како и воопшто целата задница, имаат доживеано многу благи, скоро невидливи измени. На тие што им се допаднал претходникот, ќе им се допадне и фејслифтираниот Cee’d.

Kia Cee'd има гаранција од 5 години или 150.000 километри
Она што најмногу ни привлече внимание е освежениот 1,4 литарски агрегат кој сега се вградува во Cee’d. Претходникот кој имаше 109 коњски сили секако имаше голем удел во успехот на Cee’d на македонскиот пазар, но новиот ги има 90. Разликата на прв поглед воопшто не е мала, но мора да признаеме дека не забележавме разлики во перформансите. Новиот мотор е во согласност со Еуро 5 нормите, па така помалку загадува и помалку троши - при нашето тестирање забележавме просечна потрошувачка од околу 8 литри на 100 изминати, главно градски километри. Управувањето, како и досега, е одлично – прецизно и директно, но, за жал, без многу повратни информации од тркалата. Сепак, ова е семеен автомобил.
Kia Cee’d со 1,4 литарски бензински агрегат со 90 коњски сили и основно LX ниво на опрема чини 12.995 евра, за кои се добива сосема доволен пакет - веќе споменатите детали се докомплетирани и со шесте воздушни перници, централната брава со далечинско заклучување, металната декорација во внатрешноста, радиото со 4 звучници со MP3 поддршка, борд компјутерот, подесливиот по висина и длабочина управувач, тонираните стакла, 60:40 деливата задна клупа и слично. За следното ниво на опрема EX , кое доаѓа уште со светла за магла, електрични и загревани ретровизори, висинско подесување на предните седишта кои имаат и активни наслони за глава, управувач и рачка од менувачот обложени со кожа, високотонски звучници, малку поголеми тркала и ретровизори во боја, ќе треба да се издовојат уште 805 евра, а за највисокото ниво TX, доопремено со двозонски клима уред, електрични предни и задни прозорци со заштита, 16" aлуминиумски тркала и уште некои ситници, ќе треба да се платат вкупно 14.600 евра. Во понудата на Киа Моторс Македонија се и посилниот бензински мотор од 1,6 литри со 126 коњски сили и два турбодизелски агрегата – 1,6 литарски со 115 и 2,0 литарски со 140 коњски сили.

Во ентериерот сите контроли и команди ни беа веднаш познати и на дофат, седиштата доволно комфорни, а прегледноста одлична
И на крајот, дали Kia ќе го повтори успехот? Нашето мислење е дека фејслифтираниот Cee’d е сосема компетентен наследник на успешниот премиерен модел и носи низа подобрени детали и почисти и поштедливи мотори. Мора да се напомене и одличната гаранција – 5 години или 150.000 километри, што е реткост на нашиот пазар. Сигурни сме дека и новиот модел ќе биде успешен како и својот претходник.
Технички податоци:
мотор: Euro V, бензински, четиритактен, четирицилиндричен, водено ладен, сместен напред напречно
работна зафатнина: 1.396 cm3
пречник и ôд: 77,0х74,5 mm
степен на компресија: 10,5:1
напојување: две брегасти оски во главата, четири вентили по цилиндар, вбризгување на горивото во повеќе точки, варијабилно време на отворање на вентилите
максимална силина: 90 КЅ (66 kW) при 6.000 min-1
максимален вртежен момент: 137 Nm при 5.000 min-1
трансмисија: на предните тркала преку петстепен мануелен менувач
ослонување: напред мекферсонови нозе, попречни рамења, стабилизатор, назад мултилинк оска, спирални пружини, стабилизатор
сопирачки: напред самовентилирачки дискови, назад дискови, ABS, EBD
пневматици: 185/65 R15 H
каросерија: хечбек со пет врати, пет седишта
должина х ширина х висина: 4.260x1.790x1.480 mm
меѓуоскино растојание: 2.650 mm
траги (напред/назад): 1.546/1.538 mm
тежина: 1.263 kg
максимална тежина: 1.710 kg
приколка со сопирачки: 1.200 kg
багажник: 340/1.300 dm3
резервоар: 53 литри
максимална брзина: 180 km/h
забрзување 0-100 km/h: 11,6 секунди
потрошувачка (отворен пат/град/просек): 5,1/7,2/5,8 l/100 km
емисија на CO2: 139 g/km
Kia Cee'd во Македонија:
Cee'd 1.4 LX: 12.995 EUR
Cee'd 1.6 LX: 15.500 EUR
Cee'd 1.6 CRDi LX: 16.700 EUR
пакет EX: +800-805 EUR
пакет TX: +1.600-1.605 EUR
Cee'd 2.0 TX: 18.100 EUR
Cee'd 2.0 CRDi TX: 19.200 EUR
повеќе информации: Киа Моторс Македонија, тел.: /02/ 2580-300
фото галерија (кликнете на сликата за поголема):
![]() | ![]() |
![]() | ![]() |
![]() | ![]() |
![]() | ![]() |
Најчитани вести
последни вести од оваа категорија
- Opel Astra 1.6: РЕДЕФИНИРАЊЕ НА КЛАСАТА
- Toyota Land Cruiser 3.0 D-4D: БАКСУЗОТ НА ИНДИЈАНА ЏОНС
- Renault Thalia 1.5 dCi: И RENAULT ИМА СВОЈА ШЕХЕРЕЗАДА
- Suzuki Swift 1.4: БРЗАТА ПРАТКА НА SUZUKI
- Seat Exeo 2.0 TDi 170: СО ЕДЕН УДАР...
- Renault Megane GrandTour 1.4 TCe: СЕ КУПУВА СО УМ, А НЕ СО СРЦЕ!
- Kia Cee’d 1.4: ЌЕ СЕ ПОВТОРИ ЛИ УСПЕХОТ?
- Opel Insignia 2.0 Turbo: НОВИ ПРАВИЛА!
- Fiat Qubo 1.3 M-Jet: ВИА ИГНАЦИЈА
- Hyundai i30 CW 1.6: ПРОПУСТОТ НА МАРКО ПОЛО























