Објавено на: 18.03.2010
Новиот Megane Grandtour со право го носи тоа име - конструкторите на Renault ги зголемија димензиите на класичниот хечбек и му додадоа складно заоблен товарен заден дел, така што во однос на берлината изгледа дури и поатрактивно. Ваквиот пристап кон работата овозможи и променети димензии на внатрешноста и сега задните седишта се покомфорни и има доволно простор за колената. А она најважното за ваквите креации, е дека багажникот е зголемен од 405 на 524 литри.

Препознатлив изглед, иновативен дизајн - флуидните и аеродинамични линии на Megane Grandtour ја изразуваат енергијата која ги навестува неговите возни карактеристики
Megane Grandtour е третиот модел од гамата на компактот на Renault со кој имавме прилика да се дружиме - пред него тоа го направивме со хечбекот и зголемената моноволуменска верзија Grand Scenic. И уште на самиот старт да кажеме, без да звучи претенциозно, според она што ни го покажа, наш заклучок е дека оваа верзија е и најконкретниот производ од третата генерација на францускиот атакувач на германските компактни позиции, заради што и му предвидуваме добра иднина. Извонредната функционалност се базира пред сé на фактот што Grandtour верзијата во однос на берлината е продолжена од 4.295 на 4.559 милиметри. И височината, заради носачите на покривот, е зголемена, а француските стручњаци го зголемија и меѓуоскиното растојание од 2.641 на 2.703 mm. Додавајќи и на основната форма и складно заоблен заден дел, добиена е дури и поатрактивна и попривлечна целина, во која, како резултат на сé што е променето, се створи и повеќе простор за колената на патниците назад, кои кога ќе останат дома, овозможуваат превоз на товар од 1.595 кубни дециметри. Megane Grandtour не е рекордер во пространост, но објективно она што го нуди оваа изведба на Renault, е на високо ниво.
Внатрешноста е сосема иста како и кај берлината и многу блиска со Renault Laguna. На арматурната табла доминираат чистите линии и заоблените површини. Очигледно е дека многу се внимавало на ергономијата и како резултат на тоа чувството зад управувачот е лежерно. Сите команди се при рака и сместени околу управувачот и средната конзола, а во согласност со филозофијата на Renault, која се темели на високите стандарди на квалитет, се забележува изборот на мошне солидни материјали, кои освен со изгледот, може да се пофалат и со долготрајност. Барем такви изгледаат. Изгледот на внатрешноста многу зависи од нивото на опременост - моделот што го пробавме имаше ознака Dynamique, за која, со сé она што оди со неа, се доплаќаат 1.500 евра. А без неа, цената од 15.990 евра е повеќе од интересна. Зошто - читајте понатаму.

Препознатливата особеност на Megane Grandtour се одразува и во деталите, како што се, на пример, задните светла
Еден од новите агрегатски бисери на Renault е и TCe моторот со зафатнина од 1,4 литри и 130 KS. Ова турбо бензинско остварување е силно како мотор со зафатнина од 1,8 литри, има максимален вртежен момент како од 2,0 литри, а троши толку колку што е голем, барем кога како таков и се вози. За уверливиот темперамент и врвната еластичност се заслужни максималните 190 Nm кои се на располагање при ниски 2.250 вртежи во минута, што е важен момент и за добро спрегнување на 130-те коња, со кои караванската изведба на Megane 1.4 TCe забрзува до стотка за 9,9 секунди, а стигнува до двојно повеќе - 200 km/h.
Што се однесува до возните својства, оваа креација на Megane не остави со најмногу импресии. Иако задниот дел е продолжен за повеќе од една педа, караванскиот Megane ги задржа солидната управливост и возните својства кои ги има хечбекот, а доброто подвозје, иако со полукрута оска назад и без стабилизатор, што се чувствува, нуди добар компромис на стабилност и удобност и без поголеми проблеми и изненадувања може да се справи со посолидни брзински просеци. Управувањето е прецизно и во одлична спрега со подлогата, од која доаѓа директен одзив во секој миг, што е многу важно во одредени ситуации. Не го пробавме Megane Grandtour оптоварен, но впечаток ни е дека не така тешкиот преден дел добро се балансира со благо додавање на управувачот. Чувството за доверливи возни својства го зголемуваат и ефикасните сопирачки, кои Renault ги смета за еден вид квалитет, а нам ни прават проблем оти после возењето на некој од моделите на Renault, седнуваме во друг автомобил. Како и да е, тука треба да се споменат и ѕвездичките добиени од EuroNCAP за сликата да биде комплетна.

Внатрешноста на Megane Grandtour е пространа и располага со бројни места за сé што човек носи со себе на патување
Конкуренцијата на ова поле е многу силна и добро етаблирана, а колачот сладок, така што постојано се зголемува. Во овој момент тоа му дава предност на Megane Grandtour, бидејќи е најнов, а со тоа и најнапреден во однос на другите. Тој има добри адути за пазарен успех, а најважно во однос на некои други конфекциски модели, е што овој автомобил се купува со ум, а не со срце, бидејќи нуди сé што е неопходно за семејни и деловни потреби на еден просечен возач со натпросечни барања од автомобилот. Сега навистина нема причина нашиот пазар да ги игнорира караваните во однос на седаните.
Технички податоци:
мотор: Euro V, бензински, четиритактен, четирицилиндричен, водено ладен, сместен напред напречно
работна зафатнина: 1.397 cm3
пречник и ôд: 78,0х73,1 mm
степен на компресија: 9,1:1
напојување: две брегасти оски во главата, четири вентили по цилиндар, вбризгување на горивото во повеќе точки, турбо компресор
максимална силина: 130 КЅ (96 kW) при 5.000 min-1
максимален вртежен момент: 190 Nm при 2.250 min-1
трансмисија: на предните тркала преку шестстепен мануелен менувач
ослонување: напред мекферсонови нозе, попречни рамења, стабилизатор, назад полукрута оска, спирални пружини
сопирачки: напред самовентилирачки дискови, назад дискови, ABS, BAS, EBV
пневматици: 205/55 R16 H
каросерија: караван со пет врати, пет седишта
должина х ширина х висина: 4.559x1.804x1.507 mm
меѓуоскино растојание: 2.703 mm
траги (напред/назад): 1.546/1.547 mm
тежина: 1.285 kg
максимална тежина: 1.790 kg
приколка со сопирачки: 1.300 kg
багажник: 524/1.595 dm3
резервоар: 60 литри
максимална брзина: 200 km/h
забрзување 0-100 km/h: 9,9 секунди
потрошувачка (отворен пат/град/просек): 5,3/8,8/6,6 l/100 km
емисија на CO2: 153 g/km
Renault Megane Grandtour во Македонија:
Megane Grandtour 1.4 TCe Expression: 15.990 EUR
Megane Grandtour 1.5 dCi 105 Expression: 17.490 EUR
пакет Dynamique: +1.500 EUR
пакет Privilege: +2.500 EUR
Megane Grandtour 2.0 CVT Privilege: 21.490 EUR
Megane Grandtour 1.5 dCi 85 Expression: 16.990 EUR
Megane Grandtour 2.0 dCi 160 Dynamique: 22.490 EUR
Megane Grandtour 2.0 dCi 150 BVA Privilege: 23.990 EUR
повеќе информации: Аутомотив Груп Скопје, тел.: /02/ 2727-272
фото галерија (кликнете на сликата за поголема):
![]() | ![]() |
![]() | ![]() |
![]() | ![]() |
![]() | ![]() |
![]() | ![]() |
Најчитани вести
последни вести од оваа категорија
- Mitsubishi Lancer Sportback 1.5: ДЕЦЕНТРАЛИЗАЦИЈАТА НА ДЕЛО
- Kia Sorento 2.2 CRDi: КВАНТЕН СКОК
- Lexus GS 450h: ТЕНКА ЦРВЕНА ЛИНИЈА
- Citroen C3 1.4: ГЛЕДАЈ И ВОЗИ
- Audi A5 Sportback: ПЛУРАЛИЗАМ
- Mercedes C 250 CDi: Кога зборовите не се доволни
- Mitsubishi Outlander 2.0 Di-D: ОСТАР ПОГЛЕД
- Opel Astra 1.6: РЕДЕФИНИРАЊЕ НА КЛАСАТА
- Toyota Land Cruiser 3.0 D-4D: БАКСУЗОТ НА ИНДИЈАНА ЏОНС
- Renault Thalia 1.5 dCi: И RENAULT ИМА СВОЈА ШЕХЕРЕЗАДА


























