Објавено на: 15.04.2010
Jапонците од Suzuki отворено и се спротивставуваат на тенденцијата наметната од европските производители на постојано зголемување на димензиите на новите модели. Исто така остануваат истрајни во стратегијата да понудат различни по карактер модели, но сите со должина која не ја надминува границата од 4 метри. Единствено само уште италијанскиот Fiat може да се пофали со слично богата понуда во овој автомобилски сегмент.

Предниот дел со својата широко растегната насмевка и аеродинамичниот изглед навестуваат дека стабилноста и динамичноста на Swift му се добро познати особини
Разбирливо, и со Swift, Suzuki цврсто се придржува на принципот да понуди најмал модел по димензии во припаѓачката класа, но по содржина тој да биде позициониран на самиот врв на понудата. Својата големина, производителот познат и по производство на врвни мотоцикли, ја искажува со докажаниот квалитет, но и со доверливоста и истрајноста на секој свој автомобил. Се разбира дека и во случајот со Swift отстапки од ова правило нема, туку напротив овие особини се имплементирани во секој склоп, факт кој очигледно резултира како во постигнувањата, така и во обликот на возилото.
За спортската нота во имиџот на Swift задолжени се спортските мотори сместени во краткиот преден дел на возилото. Тестираниот модел ја имаше моторната опција од 1,3 литри со номинална силина од 92 KS, поврзан преку класичен петстепен менувач. Целиот овој механички склоп функционира перфектно и заедно со добро подесеното ослонување обезбедува спортска динамика и врвни достигнувања, секако, секогаш имајќи ја предвид класата на која и припаѓа. Само 11,0 секунди му се потребни за постигнување на првата стотка на час (кај изведбата со автоматизиран менувач што ја возевме пред две години овој резултат е за 1,5 секунди послаб), додека максималната брзина која ја достигнува е 175 километри на час. Впечатокот кој го оставаат сопирачките е во согласност со карактерот на возилото и придонесува за чувството на сигурност и во најсложените ситуации.

Уште од почетокот на неговиот развој, Suzuki во Swift ги комбинираше европскиот стил и јапонскиот идентитет
Треба да се истакне дека и покрај тоа што овој модел најчесто ќе биде употребуван во градските средини, тој со леснотија одолева и на предизвиците на брзите делници на автопат. Но, амбиентот во кој најдобро се снаоѓа, секако дека се турканиците во големите градови. Во тој случај, малите димензии, живиот мотор и вродената агилност доаѓаат до полн израз.
Ако зборуваме за неговиот облик, треба да се истакне дека Swift претставува силна пресвртница на Suzuki во дизајнот и обликувањето на моделите што после него се претставени (или се планираат да бидат претставени) на пазарот. Всушност, токму со Swift почнува новата ера на Suzuki - со него е напуштена дотогашната филозофија на класични облици, ставајќи го акцентот само на квалитетот и постигнувањата на моделите. Овде веќе станува збор за современи форми, но исто така и за една јасна намера да се понуди модел кој ќе ја игра и улогата на градење на имиџот на сопственикот. Во оваа намера, ако се земат предвид продажните резултати, дизајнерите во потполност успеале. Споредбите со легендарниот модел на Mini одат на позитивното салдо на Suzuki Swift.

Внатрешноста на Swift е дизајнирана со цел да овозможи пријатен престој во возилото
Внатрешноста е организирана во истиот современ стил и изведена со долготрајни материјали. Забелешка може да се упати на недостатокот од простор за сместување на неопходните дребулии, но удобните и комотни седишта како и внимателно проектираната ергономија, ја поправаат оваа состојба до ниво на неприметување на недостатоците од овој вид. Акцентот секако дека е ставен на извонредната естетика која на прв поглед делува спартански, како и на изградба на имиџот, при што во преден план се естетските детали. Со ваков пристап, јасно се диференцираат целните групи на купувачи на сметка на поистакнатите продажни бројки.
Разбирливо дека и цената, која за верзијата со пет врати започнува од 11.990 евра, оди во насока на селектирање на купувачите. Но во ниеден миг не треба да се заборави дека имиџот, заедно со комплетната опременост, спортските карактеристики и пред сé квалитетот на Suzuki производите, си имаат своја цена. Вистинските автомобилски познавачи ова секогаш го имаат во предвид.
Технички податоци:
мотор: Euro IV, бензински, четиритактен, четирицилиндричен, водено ладен, сместен напред напречно
работна зафатнина: 1.328 cm3
пречник и ôд: 78,0x69,5 mm
степен на компресија: 9,5:1
напојување: две брегасти оски во главата, четири вентили по цилиндар, вбризгување на горивото во повеќе точки
максимална силина: 92 KS (68 kW) при 5.800 min-1
максимален вртежен момент: 116 Nm при 4.200 min-1
трансмисија: на предните тркала преку пестстепен мануелен
ослонување: напред мекферсонови нозе, попречни рамења, стабилизатор, назад полукрута оска, спирални пружини
сопирачки: напред самовентилирачки дискови, назад барабан, ABS, EBD
пневматици: 165/70 R14
каросерија: хечбек со три/пет врати, пет седишта
должина х ширина х висина: 3.760x1.690x1.500 mm
меѓуоскино растојание: 2.380 mm
траги (напред/назад): 1.470/1.480 mm
тежина: 990 kg
максимална тежина: 1.485 kg
приколка со сопирачки: 1.000 kg
багажник: 201/494 dm3
резервоар: 45 литри
максимална брзина: 175 km/h
забрзување 0-100 km/h: 11,0 секунди
потрошувачка (отворен пат/град/просек): 4,9/7,4/5,8 l/100 km
емисија на CO2: 140 g/km
Suzuki Swift во Македонија:
Swift 1.3 GL со три врати: 11.490 EUR
пакет GLA: +1.000 EUR
пет врати: +500 EUR
Swift 1.3 GLA 4x4 со пет врати: 14.400 EUR
Swift 1.3 GLA Automated со пет врати: 14.400 EUR
Swift Sport 1.6 со три врати: 16.900 EUR
Swift GLA 1.3DDiS со пет врати: 13.090 EUR
повеќе информации: Миркат Скопје, тел.: /02/ 3089-089
фото галерија (кликнете на сликата за поголема):
![]() | ![]() |
![]() | ![]() |
![]() | ![]() |
![]() | ![]() |
![]() | ![]() |
![]() | ![]() |
![]() | ![]() |
![]() | ![]() |
![]() | ![]() |
Најчитани вести
последни вести од оваа категорија
- Mitsubishi Lancer Sportback 1.5: ДЕЦЕНТРАЛИЗАЦИЈАТА НА ДЕЛО
- Kia Sorento 2.2 CRDi: КВАНТЕН СКОК
- Lexus GS 450h: ТЕНКА ЦРВЕНА ЛИНИЈА
- Citroen C3 1.4: ГЛЕДАЈ И ВОЗИ
- Audi A5 Sportback: ПЛУРАЛИЗАМ
- Mercedes C 250 CDi: Кога зборовите не се доволни
- Mitsubishi Outlander 2.0 Di-D: ОСТАР ПОГЛЕД
- Opel Astra 1.6: РЕДЕФИНИРАЊЕ НА КЛАСАТА
- Toyota Land Cruiser 3.0 D-4D: БАКСУЗОТ НА ИНДИЈАНА ЏОНС
- Renault Thalia 1.5 dCi: И RENAULT ИМА СВОЈА ШЕХЕРЕЗАДА


































