Објавено на: 22.04.2010
Кога ќе се каже дека автомобилот е наменет за источноевропскиот пазар, веднаш се подразбира дека мора да биде издржлив, да има добар багажник и доволно простор во кабината, а заради нашата инфраструктура, треба да биде дополнително засилен одоздола, за да може да "одговори" на дупките и нерамнините. Не треба да биде премногу убав, па и не премногу содржаен, односно набилдан со опрема - важно е да биде функционален и пред сé, ценовно прифатлив.

Дизајнот на Thalia, за разлика од Clio, е доста поконзервативен
Доколку ова би биле објаснувањата за некоја сложувалка, асоцијацијата би била едноставна – Renault Thalia. Сите овие атрибути се дел од неа. Еден претставник од скромната гама на малиот седан, благодарејќи на соработката на македонскиот импортер Аутомотив Груп со централата од Белград, со агрегат од 1,5 литри во дизелска изведба, пристигна и до нашата редакција.
Дефинитивно не освојува на прв поглед, но полека, без брзање со заклучоците... Како и поголемиот број на седан возила од Б сегментот, надграден е со невешто додавање на "сандак" на задниот дел, во овој случај на претходната генерација на Clio. По дебелото освежување кое го преживеа минатата година, се доби возило со скромен и не така привлечен дизајн. Атрактивноста во дизајнирањето намерно е изоставена, бидејќи се работи за возило кое се обраќа на поинаква публика, за која изгледот и не е премногу важен, туку практичноста на каросеријата и големиот багажник.

Renault Symbol, како што Thalia на некои пазари се нарекува, има должина од 4,26 метри
Веднаш по отворање на вратата, внимание привлекуваат модерно обложените седишта, а инструмент таблата е иста како и кај Clio, но со подобар квалитет. Предните седишта имаат за оваа класа неверојатно растојание на помрднување, а и назад има доволно простор, што е важен детаљ за оваа класа. Забелешка можеби ќе добие седиштето на возачот, кое не се регулира по височина, иако нам лично не ни пречеше - посакуваната положба зад управувачот лесно ја постигнавме. Ергономијата добро ја оценуваме - сé е на дофат и максимално функционално, а вистински бисер за оваа класа се командите на аудио системот интегрирани во сателитите зад управувачот. Пријатно нé изненадија и повеќе детали, кои сепак се на листата на дополнителна опрема, што исто така е дел од добрата стратегија на Renault.
По свртување на клучот, при полн резервоар стигнува информација дека Renault Thalia 1.5 dCi може да помине 860 километри. Дизелскиот агрегат со проверена dCi технологија и 65 KS, без штедење и по ладно време, нам ни трошеше само 6,2 литри на 100 километри. На почетокот мислевме дека 65-те коњски сили и 160-те Nm се малку и дека Thalia ќе нема доволно сила, но се покажа дека овој агрегат е сосема доволен 980 килограми тешкиот автомобил да го направи агилен, за што своја улога има и прецизниот петстепен менувач.

Renault Thalia ја спечали наградата Autobest за 2009 година
Актуелната економска криза ја намали цената на Renault Thalia на 8.990 евра за 1,2 литарската бензинска варијанта - цената на дизел верзијата изнесува 10.990 евра. Кога сé ќе се земе предвид, тоа е сосема добра цена за вакво возило кое ги задоволува и најпребирливите кога станува збор за семеен и доверлив автомобил од Б сегментот. Renault-овата Шехерезада си раскажува своја приказна.
фото галерија (кликнете на сликата за поголема):
![]() | ![]() |
![]() | ![]() |
![]() | ![]() |
![]() | ![]() |
![]() | ![]() |
Најчитани вести
последни вести од оваа категорија
- Mitsubishi Lancer Sportback 1.5: ДЕЦЕНТРАЛИЗАЦИЈАТА НА ДЕЛО
- Kia Sorento 2.2 CRDi: КВАНТЕН СКОК
- Lexus GS 450h: ТЕНКА ЦРВЕНА ЛИНИЈА
- Citroen C3 1.4: ГЛЕДАЈ И ВОЗИ
- Audi A5 Sportback: ПЛУРАЛИЗАМ
- Mercedes C 250 CDi: Кога зборовите не се доволни
- Mitsubishi Outlander 2.0 Di-D: ОСТАР ПОГЛЕД
- Opel Astra 1.6: РЕДЕФИНИРАЊЕ НА КЛАСАТА
- Toyota Land Cruiser 3.0 D-4D: БАКСУЗОТ НА ИНДИЈАНА ЏОНС
- Renault Thalia 1.5 dCi: И RENAULT ИМА СВОЈА ШЕХЕРЕЗАДА


























