Објавено на: 10.07.2010

За 60 години, колку што постои Land Cruiser, досега се продадени преку 5 милиони возила
Кога се појави претходната генерација на Land Cruiser, тешко дека можевме да и најдеме некоја мана. Во време кога останатите производители на теренски возила масовно се свртуваа кон асфалтните можности, ултимативниот теренец не само што ги имаше задржано сите сирови off-road карактеристики со кои се има стекнато претходните децении, туку со помош на вредната електроника ги имаше доведено практично до совршенство. Во тој поглед, за ништо не можеше да се каже дека недостасува, или пак, дека е непотребно. Нешто помали беа интервенциите кои требаше да го направат Land Cruiser покомфорен за возење во град и на автопат, но тоа никој и не го очекуваше од него - богатството простор и опремата беа доволен аргумент за купувачите.
Сега, седум години подоцна, Toyota се сврте и кон асфалтот и секојдневието, но повторно во целост задржувајќи ги сите сирови off-road карактеристики кои Land Cruiser ги има стекнато претходните децении и повторно надградувајќи ги со помош на вредната електроника. Основата за тоа сé уште лежи во шасијата, на која сега е монтирана просторно водена задна оска (предната, како и досега, е со двојни попречни рамења), а моќниот 1:2,57 редуктор и понатаму останува во игра. Надградбите на теренските својства, пак, ги овозможуваат мулти-теренскиот систем за селекција на режимот на off-road возење, активната контрола на силата на влечење на секое тркало поединечно, електронски регулираниот динамички систем за ослонување, променливата контрола на протокот на течноста во системот за управување, контролите за многу бавно возење, за спуштање по надолнини, за тргнување на нагорнини...

Цврстата механика и софистицираната електроника му обезбедуваат на Land Cruiser максимална сила на влечење и контрола без разлика на теренот по кој се вози
Текот на приказната и во поглед на дизајнот е сличен - новата генерација на Land Cruiser има современ дизајн настанат како еволуција на претходниот, но прилагоден со најновите трендови во Toyota. И сега Land Cruiser просто фасцинира со моќниот изглед, кој во раскошната, за број поголема внатрешност, преминува во луксуз. Во неа повторно има место за 7 патници, кои сега помалку ги чувствуваат вибрациите и бучавата кои доаѓаат од шасијата. Не знам дали за ентериерот на Land Cruiser може да кажеме дека е функционален - тој збор ни се чини недоволен за со него да се окарактеризира просторот околу кој се распоредени неколку камери кои на возачот му овозможуваат поглед кон секаде - напред пред масивниот нос, назад зад гломазниот заден дел, од страна до тркалата... Сето тоа се покажува на 7-инчниот дисплеј, кој, кога треба, го насочува возачот полесно да паркира, ја покажува насоченоста на предните тркала, имитира компас, или пак, едноставно покажува што свири на радио, или каде треба да свртите на следната раскрсница, додека пак, патниците назад ќе можат да гледаат и филмови на нивниот 9-инчен дисплеј. Значително збогатената опрема значително влијаеше и на цената, која сега стартува од солидните 55.900 евра.
Наполно новиот теренец кој дебитираше на салонот во Франкфурт, сега нуди многу повеќе комфор при секојдневно користење. Сепак, она што му е предност, истовремено му е и мана - големината, која е некомпатибилна со нашите навики за паркирање на јавните паркинзи, со кои и камерите едвај излегуваат на крај. Затоа пак, новиот Land Cruiser нешто полесно се справува со потрошувачката на гориво, која просечно изнесува 8,1 l/100 km, благодарение на одличниот 3,0 литарски четирицилиндричен дизел, кој своите 173 коњски сили кои ги остварува при само 3.400 вртежи во минута и максималните 410 Nm, преку петстепен автоматски менувач ги трансферира кон асфалтот на кој може да постигне 100 km/h за 11,7 секунди и максимални 175 km/h. Постои можност да се добие и со шестстепен мануелен менувач, но тоа веќе би било непочитување кон сé она што инженерите на Toyota го направиле.

Робусен однадвор, просторен и разновиден од внатре
Сé на сé, да го имаше Индијана Џонс новиот Land Cruiser, ќе можеше многу полесно да стигне до егзотичните места каде ги наоѓаше своите откритија и уште полесно да ги довезе оттаму директно пред националниот американски музеј. Ќе мораше и добро да плати за тоа, нешто во пари за возилото, нешто во нерви, пробивајќи се низ урбаната џунгла, а нешто со освоените Оскари, бидејќи Лукас и Спилберг ќе немаа доволно материјал за креирање на своите брилијантни приказни.
Технички податоци:
мотор: Euro IV, дизел, четиритактен, четирицилиндричен, водено ладен, сместен напред надолжно
работна зафатнина: 2.982 cm3
пречник и ôд: 96,0x103,0 mm
степен на компресија: 17,9:1
напојување: две брегасти оски во главата, четири вентили по цилиндар, common rail директно вбризгување на горивото, турбо компресор, интеркулер
максимална силина: 173 KS (127 kW) при 3.400 min-1
максимален вртежен момент: 410 Nm при 1.600-2.800 min-1
трансмисија: на сите четири тркала преку шестстепен мануелен или петстепен автоматски менувач, редуктор
ослонување: напред двојни попречни рамења, спирални пружини, стабилизатор, назад просторно водена оска, спирални пружини, стабилизатор
сопирачки: напред и назад самовентилирачки дискови, ABS, EBD, BAS
пневматици: 265/65 R17
каросерија: теренско возило со пет врати, седум седишта
должина х ширина х висина: 4.760x1.885x1.845 mm
меѓуоскино растојание: 2.790 mm
траги (напред/назад): 1.585/1.585 mm
тежина: 2.080 kg
максимална тежина: 2.990 kg
приколка со сопирачки: 3.000 kg
багажник: 621/1.833 dm3
резервоар: 87 литри
максимална брзина: 175 km/h
забрзување 0-100 km/h: 11,7 секунди
потрошувачка (отворен пат/град/просек): 6,7/10,4/8,1 l/100 km
емисија на CO2: 214 g/km
Toyota Land Cruiser во Македонија:
Land Cruiser 3.0 D-4D Executive: 55.900 EUR
пакет Luxury: +9.000 EUR
пакет Luxury Premium: +14.000 EUR
автоматски менувач: +2.000 EUR
повеќе информации: Тојота Авто Центар Скопје, тел.: /02/ 3088-880
www.toyota.com.mk/Modeli/lc/lc flash galery/lc.html
www.toyota-europe.com/cars/new_cars/land_cruiser/index.aspx
назад кон вестите од оваа категоријаНајчитани вести
последни вести од оваа категорија
- Mitsubishi Lancer Sportback 1.5: ДЕЦЕНТРАЛИЗАЦИЈАТА НА ДЕЛО
- Kia Sorento 2.2 CRDi: КВАНТЕН СКОК
- Lexus GS 450h: ТЕНКА ЦРВЕНА ЛИНИЈА
- Citroen C3 1.4: ГЛЕДАЈ И ВОЗИ
- Audi A5 Sportback: ПЛУРАЛИЗАМ
- Mercedes C 250 CDi: Кога зборовите не се доволни
- Mitsubishi Outlander 2.0 Di-D: ОСТАР ПОГЛЕД
- Opel Astra 1.6: РЕДЕФИНИРАЊЕ НА КЛАСАТА
- Toyota Land Cruiser 3.0 D-4D: БАКСУЗОТ НА ИНДИЈАНА ЏОНС
- Renault Thalia 1.5 dCi: И RENAULT ИМА СВОЈА ШЕХЕРЕЗАДА



















