Кои се Quattroruote
Opel Astra 1.6: РЕДЕФИНИРАЊЕ НА КЛАСАТА
Објавено на: 23.07.2010
Новата Astra, четвртата генерација на Opel-овиот компакт под тоа име, доаѓа со нова естетика, нови мотори и прилично набилдана каросерија, атрибути со кои летвичката на класата ја подига за едно цело скалило погоре. Ја возевме изведбата со 1,6 литарски бензинец

На многу оригинален начин одговорните од GM решија да се борат против глобалната финансиска и автомобилска криза. Едноставно се решија да гледаат напред и да претставуваат нови модели, кои гледано од техничко-технолошки аспект го претставуваат самиот врв на понудата. Кога економските проблеми се наѕираа и никој сé уште не ја знаеше нивната димензија, Opel ја претстави Insignia, а во најжестокиот период од кризата, кога и иднината на самата марка беше сосема неизвесна, на минатоесенскиот франкфуртски салон ја претставија и новата генерација на Astra. Склони сме да веруваме дека токму квалитетите на компактниот Opel, како и извонредниот прием кај публиката, натежнаа на страната за задржување на марката Opel и одбивање на примамливите и конкретни финансиски понуди. Значи, Opel не е на продажба!


Новата Astra во компактната класа донесува своја сопствена интерпретација на новата дизајнерска филозофија на Opel

А кога тоа ќе го изјават одговорните од GM, може да значи само едно: нови модели и конкретна стратегија за развој. Во ваквата одлука, новата генерација на компактниот модел Astra им дава потполно за право. Но, да се навратиме на новата, четврта генерација на Astra и да разгледаме на што се должи блескавата иднина која му претстои на овој модел. Инаку, последниве години во просек се продаваа по околу половина милион примероци од Astra, бројка што во европски рамки значеше постојано присуство во првата тројка од класата, која пак, повторно, посматрано во европски рамки, зафаќа околу 27% од вкупниот пазар на возила.

Германските дизајнери почнаа да цртаат возила-скулптури и да ги изведуваат со надалеку познатата прецизност. Тоа ни го покажаа со претставувањето на Insignia. Новата Astra претставува продолжение на одлично смислениот концепт од постариот брат. Ако тоа со надворешниот изглед може само да изгледа како стилска припадност, тогаш погледот во внатрешноста на возилото говори безмалку за идентичност. Тоа секако дека се однесува на стилските елементи, но што е уште поважно, и за квалитетот и прецизноста на изведбата, како и за употребените материјали. Секако дека ова се факти кои одат во прилог на номинално помалиот модел, кај кој ова ниво на опременост и квалитет не се вообичаена работа. Значи, говориме за претставник на компактната класа, со класична хечбек концепција, но со стилски елементи, изведба и квалитет од повисоките класи. Секако дека при режењето на лимот и претходната генерација на Astra не е сосема заборавена, но сепак се чини дека пресудно влијание при дизајнирањето имала незаобиколната Insignia и нејзините решенија. Во секој случај, оригиналноста и стилот на надворешниот облик, како и функционалноста и високото ниво на опременост на внатрешноста, заедно со раскошната понуда на внатрешниот простор, им годат на возачот и патниците. Покрај паметно осмислениот простор и богатата опрема, малку малициозно звучи забелешката за минималниот простор кој е наменет за левата нога, кога таа не е во функција на притискање на педалата на спојката. Како и да е, тоа пречи.


Платформата на новата Astra е развивана како систем кој во потполност ги интегрира механичките функции и електронската контрола

Веднаш да истакнеме еден факт кој на прв поглед воопшто не паѓа во очи. Новата Astra е издолжена до 4,42 метри, а меѓуоскиното растојание изнесува точно 2.685 mm, што е за 71 mm повеќе отколку кај претходникот. И за оваа Astra производителот реши новата платформа да ја постави врз класична предна мекферсон и задна полукрута оска, но технички засилена со ватови полуги кои ги неутрализираат попречните придвижувања. Ваквото решение, освен што е поедноставно и поевтино од мултилинк ослонувањето, обезбедува и поголем багажен простор. Тестниот модел беше опремен со 1,6 литарски бензинец со 115 KS и максимален вртежен момент од 155 Nm при рамно 4.000 вртежи во минута. Ваквата моторизација, според фабрички декларираните податоци, првата стотка ја фаќа за повеќе или помалку скромните 11,7 секунди, додека максимумот на брзината застанува на одличните 188 km/h. Коментарите околу споменатите достигнувања се должат на големиот капацитет на подвозјето, кое е проектирано и за 180-коњски турбо бензинец и за дволитарскиот дизел со 350 Nm.

Возењето на новата Astra, посебно со овој мотор, предизвикува посебно расположение, кое кај возачот го буди чувството на господство. Овде никако не станува збор за спортски достигнувања, туку за едно смирено, предвидливо и надмено возење. Притоа, извонредната акустична изолација му овозможува на вградениот аудио состав да дојде до полн израз. Ваквиот стил, наметнат од карактерот на возилото, и годи и на потрошувачката, која пак, никако не успеавме да ја доближиме до декларираните просечни 6,3 литри. Но, ова воопшто не значи дека возилото не може да го покаже и својот поинаков каракер. Притискањето на педала за гас во прв миг не покажува спортска одлучност, но погледот кон инструмент таблата веднаш дава до знаење дека целта е постигната. Сé кај новата Astra се одвива со стил, умерено и предвидливо, а без непотребни трауми. За возачи со пожестоки очекувања, постојат изведби со 1,4 и 1,6 литарски турбо бензинци.


Главна карактеристика на внатрешноста на Astra се елегантните, динамични линии и скулптурални облици, изведени со посебно внимание насочено на деталите

Германските производители знаат да направат возила со цврст карактер. Во случајот на новата Astra, тие карактеристики се надополнети со стилистички и модерни естетски решенија. Ако на сето ова ја додадеме и информацијата за најавените цени, кои во најмала рака се коректни и фер, неминовно доаѓаме до констатацијата која ја изрековме уште на самиот почеток: новата Opel Astra ги поместува границите на класата. Таа е пространа, модерна, богато опремена и технолошки напредна. Со вакви атрибути, нејзината иднина е сосема извесна.

Технички податоци:

мотор: Euro V, бензински, четиритактен, четирицилиндричен, водено ладен, сместен напред напречно
работна зафатнина: 1.598 cm3
пречник и ôд: 79,0х81,5 mm
степен на компресија: 10,8:1
напојување: две брегасти оски во главата, четири вентили по цилиндар, вбризгување на горивото во повеќе точки
максимална силина: 115 КЅ (85 kW) при 6.000 min-1
максимален вртежен момент: 155 Nm при 4.000 min-1

трансмисија: на предните тркала преку петстепен мануелен менувач
ослонување: напред мекферсонови нозе, попречни рамења, стабилизатор, назад полукрута оска со ватова врска, спирални пружини
сопирачки: напред самовентилирачки дискови, назад дискови, ABS, EBD
пневматици: 205/60 R16

каросерија: хечбек со пет врати, пет седишта
должина х ширина х висина: 4.419x1.814x1.510 mm
меѓуоскино растојание: 2.685 mm
траги (напред/назад): 1.544/1.558 mm
тежина: 1.373 kg
максимална тежина: 1.870 kg
приколка со сопирачки: 1.250 kg
багажник: 370/1.235 dm3
резервоар: 56 литри

максимална брзина: 188 km/h
забрзување 0-100 km/h: 11,7 секунди
потрошувачка (отворен пат/град/просек): 5,6/8,8/6,3 l/100 km
емисија на CO2: 147 g/km

Opel Astra во Македонија:

Astra 1.4 Essentia: 14.698 EUR
Astra 1.4 Turbo Essentia: 16.357 EUR
Astra 1.6 Essentia: 16.060 EUR
Astra 1.3 CDTi Essentia: 16.650 EUR
Astra 1.7 CDTi 110 Essentia: 18.086 EUR
пакет Enjoy: +477-488 EUR
пакет Sport: +1.728-1.769 EUR
пакет Cosmo: +1.910-1.955 EUR
автоматски менувач (само за 1.6): +700 EUR

Astra 1.6 Turbo Enjoy: 18.496 EUR
Astra 1.7 CDTi 125 Enjoy: 19.230 EUR
Astra 2.0 CDTi Enjoy: 20.012 EUR
пакет Sport: +1.252 EUR
пакет Cosmo: +1.433 EUR
автоматски менувач (не за 1.7 CDTi 125): +700 EUR

повеќе информации:: Ауто ЦЕМ Тетово, тел.: /044/ 353-330

Авто Плус

Ауто ЦЕМ

Opel Македонија

Opel Европа

фото

видео

назад кон вестите од оваа категорија










корисни информации

ВРЕМЕНСКИ УСЛОВИ


температура: --°C
влажност: --%







анкета

Колку километри годишно поминувате со вашиот автомобил?







Погледни резултати и минати анкети