Кои се Quattroruote
Opel Merivа: ФЛЕКСИБИЛНОСТА НАЈГОЛЕМ АТРИБУТ
Објавено на: 30.07.2010
FlexDoors иновативните задни врати, кои се отвораат спротивно од вообичаеното, е најголемата новина кај ова Opel-ово издание, а освен што внатрешноста на новата Opel Merivа нуди многу место за патниците и багажот, располага и со уште еден револуционерен концепт - флексибилна средишна конзола


Од новата Meriva се очекува да го подобри успехот на досегашната генерација која е лидер во сегментот со пазарно учество од 27%

По пионерската улога на подрачјето на сеопфатноста и практичноста на едно возило, која ја имаше со Zafirа во 1999 година, Opel со претставувањето на првата генерација на Merivа четири години подоцна создаде нов пазарен сегмент на мали и ценовно пристапни едноволуменци. Со својот револуционерен концепт на задните седишта FlexSpace, Meriva беше мала по димензии, но голема што се однесува до пространоста. Тоа беше формулата за успех која помогна Opel Merivа да го задржи водечкото место во сегментот на мали едноволуменци. Затоа во Европа се продадени повеќе од милион модели од првата генерација.

Втората генерација на Opel Merivа го крева скалилото погоре кога е во прашање флексибилноста. Системот FlexSpace е доусовршен, а за прв пат, кај новата Meriva е искористен и новиот FlexDoors концепт на иновативните задни врати кои се отвораат спротивно од вообичаеното, кон задниот дел на автомобилот, со што се олеснува влегувањето во кабината. Освен тоа, Meriva располага и со уште еден револуционерен концепт - FlexRail средишна конзола, а на располагање ќе биде и FlexFix интегрираниот заден носач за велосипеди кој се извлекува од задниот браник, односно од просторот под багажникот.


Сериозниот изглед на првата генерација на Meriva е заменет со динамична и елегантна силуета

Opel-овите стручњаци на промоцијата на Meriva во Хамбург детално ни го открија текот на развојот на иновативниот систем на задните врати. Анализирајќи го профилот на своите клиенти, дошле до заклучок дека Meriva ја користат пред сé купувачи на кои многу им се важни задните седишта. Opel, сосем јасно, типува на млади семејни луѓе со штотуку оформено семејство, но и на постари лица со богат општествен живот. Европа во 1961 година ги забрани автомобилите со сé уште таканаречените "самоубиствени врати", кои, како што се вели во образложението за донесувањето на ваквата законска регулатива, придонесуваа за посериозни последици во помалите сообраќајни несреќи. Развојот на технологијата сега овозможи елегантно враќање на овој концепт на отворање на вратите, па во 2006 година тие најпрво се појавија на моделот Phantom на Rolls Royce, за четири години подоцна и Opel да ги претстави кај втората генерација на Meriva, со што за прв пат се воведуваат во масовно произведувано возило. За разлика од другите возила со вакви врати кои се појавија во меѓувреме, кај Meriva тие се отвораат независно од предните врати, а вообичаената конструкција на средниот столб, освен што го овозможува тоа, истовремено обезбедува и висока цврстина на каросеријата и заштита во случај на страничен судир. Со FlexDoors концептот, новата Meriva располага со зголемена функционалност и нуди значително полесно влегување и излегување од задните седишта, а и сите врати на Meriva се отвораат под агол од 84 степени, и тоа на четири зглоба, со што на сите патници им е олеснет пристапот до кабината.


Сега Meriva значително е поголема и се сместува за половина класа повисоко

И од надвор, и од внатре, Meriva го отсликува новиот Opel-ов тренд, кој најнапред се наметна со Insigniа, а потоа и со новата генерација на Astrа. Opel-овите дизајнери реално се потрудиле да направат динамичен и елегантен моноволуменец, колку и да е тешко тоа. Спуштената линија на покривот, во комбинација со препознатлива странична острица, како и брановитите долни рабови на задните стакла, и даваат на Meriva свеж и карактерно препознатлив изглед. Однапред се провлекуваат Opel-овите нови линии, а до израз доаѓа и аголот на поставеноста на предното ветробранско стакло. Вратите кои ве мамат да влезете во внатрешноста на кабината ги откриваат нејзините складни и флуидни линии и површини. Инструмент таблата во облик на крилја остава впечаток на широчина и пространост, а нејзиниот средишен дел, кој како да е наведнат нанапред, придонесува тој впечаток да биде поубедлив и дава чувство на спортска архитектура. Внатрешноста е дополнително подобрена со шест различни варијанти на боја и преслеки, што претставува најголем избор што досега Opel го понудил за некој свој модел. И највисоките стандарди на завршната обработка, извонредно избраните материјали, како и распоредот на декоративните елементи кои се карактеристика за поскапите возила од повисоките класи, се дел од аргументите со кои Opel ќе ги освојува купувачите на новата Meriva. Во багажникот има место за товар со зафатнина од 400 литри, кој импресионирачки се зголемува на 1.500 литри со соборување на седиштата.


Opel го започна развојот на FlexDoors системот во 2003 година

Свој полн придонес за подобрената стабилност на возилото даваат и подолгото меѓуоскино растојание и зголемените траги на тркалата во однос на претходната генерација, а со унапреденото ослонување подобрени се и управливоста и комфорот во возењето, во што имавме можност да се увериме на патиштата на северот од Германија, покрај водите на Балтичкото Море. Своја улога во градењето на карактерот на новата Meriva имаат и агрегатите предвидени за неа. Нам на располагање ни беа само два бензински турбо мотора од 1,4 литри, со 120 KS и 175 Nm, односно 140 KS и 200 Nm. Послабиот од нив, како замена за досегашниот 1,6 литарски мотор со 105 KS, испушта за 10% помалку CO₂ и троши за исто толку помалку гориво, иако дава за 15% поголема силина. Посилната верзија која претставува врв во понудата е замена за 1,8 литарскиот мотор од претходната генерација и има за 12% поголема сила и за 10% помала емисија на CO₂. Во бензинската понуда ќе биде и 1,4 литарскиот мотор со 100 KS, единствен без турбо компресор, а од своите дизелски остварувања, Opel за Meriva ќе ги одвои 1.3 CDTi со 75 и 95 KS и 1.7 CDTi со 100, 110 и 130 KS.

Проектирана и развиена во Opel-овиот инженерски центар во Риселсхајм, Германија, новата Meriva ќе се произведува во Сарагоса, Шпанија. Кај нас би требало да пристигне кон средината на летото, со цена која би изнесувала околу 14.000 евра за основниот модел.

повеќе информации:

Opel Македонија

видео

назад кон вестите од оваа категорија










корисни информации

ВРЕМЕНСКИ УСЛОВИ


температура: --°C
влажност: --%







анкета

Колку километри годишно поминувате со вашиот автомобил?







Погледни резултати и минати анкети